Илон Маск и неговата компанија xAI ја лансираа Grokipedia, најавувајќи ја на почетокот на октомври како конкурент на онлајн енциклопедијата Wikipedia, која е креирана и уредувана од волонтери и која некои американски републиканци ја обвинија за политичка пристрасност.

Името Grokipedia доаѓа од четботот Grok на xAI, за кој Маск тврди дека „бара максимална вистина“.

Верзијата 0.1 од вчера вечерта веќе имаше повеќе од 885.000 дефиниции во споредба со повеќе од седум милиони на англиската верзија на Wikipedia.

Пред една недела, претприемачот одлучи да го одложи лансирањето на Grokipedia за неколку дена, иако беше објавено на крајот на септември, оправдувајќи го одложувањето со потребата од „дополнителна работа за чистење на пропагандата“.

Како и републиканските функционери, Илон Маск е постојан критичар на Wikipedia веќе неколку години. Во 2024 година, тој напиша дека страницата е „контролирана од крајно левичарски активисти“ и ги повика луѓето да престанат да донираат на платформата.

„Целта на Grok и (Grokipedia) е вистината, вистината и ништо друго освен вистината“, нагласи најбогатиот човек во светот, додавајќи дека софтверот на енциклопедијата е со отворен код. „Секој може да го користи за што било, бесплатно“, објасни тој.

Содржината на некои статии на „Grokipedia одразува пристрасност, како и страницата посветена на Илон Маск.

Во воведните пасуси од резимето, платформата пишува дека шефот на Tesla и SpaceX „влијаел на дебатата“ на неколку теми, заработувајќи „критики од мејнстрим медиумите кои се наклонети кон лево ориентираното известување“.

Содржината на Grokipedia е генерирана од вештачка интелигенција (AI) и генеративниот асистент за AI Grok, но секоја страница цитира повеќе извори.

Grok предизвика контроверзии пред неколку месеци откако даде антисемитски изјави, кои компанијата на Маск ги припиша на погрешна програма.