eSIM технологијата, или виртуелните SIM картички, ќе стануваат сè поприсутни на пазарот. Германската агенција Roland Berger предвидува дека до 2027 година, околу 75 проценти од луѓето ќе користат eSIM.
Виртуелната eSIM картичка е на пазарот околу шест години, првично како додаток на физичките SIM картички, а во 2023 година зафаќаше околу 10 проценти од пазарот, што, според агенцијата, наскоро ќе се промени благодарение на придобивките од оваа технологија.
По исчезнувањето на физичкиот слот за пластична SIM картичка на телефоните, производителите на телефони ќе имаат повеќе простор за поголема батерија или подобра камера.
Податоците за идентитетот и тарифните параметри се вградени директно во електрониката на телефонот, што го поедноставува процесот на активирање на eSIM. Корисникот едноставно скенира QR код и може веднаш да ја користи услугата, а оваа иновација овозможува и активирање на повеќе тарифи на еден уред, што претходно не беше можно со традиционалните SIM картички, објавува „Ле Монд“.
Побрзото и полесно активирање на тарифите го прави eSIM особено привлечен за корисниците и го отвора пазарот за нови конкуренти, вклучувајќи производители на уреди и глобални платформи кои досега немаа пристап до традиционалните мрежи.
За телекомуникациските оператори, ова претставува предизвик бидејќи eSIM ја намалува потребата од физички продажни места и класични договори. Новите играчи можат да понудат тарифи директно на корисниците, со што ќе ги заобиколат традиционалните дистрибутивни канали и ќе ги намалат трошоците за посредници.
Се очекува пазарот на мобилни услуги да стане сè поконкурентен, а традиционалните оператори би можеле да изгубат дел од контролата врз нивната база на клиенти.
Технологијата eSIM со тоа станува клучен фактор во трансформацијата на телекомуникациската индустрија, бидејќи ја забрзува дигитализацијата и ги прилагодува мобилните услуги на потребите на современите корисници, додава францускиот весник.