Сер Тим Бернерс-Ли, создавачот на Светската мрежа (World Wide Web), ги постави темелите на интернетот каков што го знаеме денес, уште во 1989 година. Сега, тој открива уште повеќе детали.

Умот што ги роди идеите како HTTP и URL-то одлучи да го направи изворниот код слободно достапен, без никакви надокнади или авторски права.

„За вебот да биде комплетен, секој мораше да може да го користи и секој мораше да сака. Не можев да ги замолам да плаќаат за секое пребарување или прикачување што го прават. За вебот да успее, мораше да биде бесплатен“, напиша тој во статија за The Guardian.

Бернерс-Ли додаде дека сака Светската мрежа да работи за сите и за да се постигне тоа, клучно е да биде достапна за сите. Во едно интервју, тој претходно објасни дека ако ја држел технологијата под своја сопственост, таа никогаш немаше да се прошири.

„Не можете да предложите нешто да биде универзален простор, а сепак да ја задржите контролата врз него“, тврдеше тој. Конечната одлука сè да биде бесплатно ја донесе CERN, каде што Бернерс-Ли тогаш работеше, пред да го основа World Wide Web Consortium (W3C) на MIT во 1994 година.

Во својот последен текст, Бернерс-Ли забележува дека слободниот интернет требало да поттикне креативност и соработка на глобална платформа. Но, визијата се претвори во нешто друго.

„Денес, кога го гледам мојот изум, морам да се прашам: дали мрежата е сè уште бесплатна? Не, не целосно“, пишува тој.

Бернерс-Ли посочува на големите технолошки платформи кои сега собираат огромни количини лични податоци на корисниците, а потоа ги продаваат на посредници и влади, отворајќи ја вратата за надзор и репресија. Тој, исто така, го обвинува подемот на алгоритмите, особено на социјалните медиуми, на штета на младите луѓе.

„Трговијата со лични податоци сигурно не се вклопува во мојата визија за слободна мрежа“, вели Бернерс-Ли.

Тој исто така тврди дека просечниот корисник на интернет повеќе не е клиент, туку производ, истакнувајќи дека „некаде помеѓу првата верзија на интернетот и неговото повторно раѓање во ерата на социјалните медиуми, тргнавме по погрешен пат“.