Кога OpenAI го претстави GPT-5, директорот Сем Алтман го опиша како алатка што нуди знаење на ниво на докторски студии од која било област.

Меѓутоа, кусо по лансирањето, компанијата почна да ги враќа постарите модели, бидејќи голем број корисници јавно се побунија против новиот систем.

GPT-5 најпрво им беше достапен на претплатниците на Pro пакетот и на деловните клиенти, во варијанта GPT-5 Pro. Според OpenAI, новиот модел ја надминува конкуренцијата од Google DeepMind и Anthropic на одредени тестови. Сепак, многу корисници не го споделија воодушевувањето на Алтман. На форуми како Reddit почнаа да се натрупуваат жалби – од сериозни грешки во одговорите, преку пократки и помалку содржајни пораки, до „безличен“ стил што потсетува на генерички одговор од вештачка интелигенција.

Особено ги разгневи новото ограничување – корисниците на ChatGPT Plus пакетот сега имаат лимит од 200 пораки неделно. Некои го достигнувале за само неколку часа, што ја правело платената верзија практично иста со бесплатната. Дополнително, постарите модели биле отстранети без никакво предупредување, па многумина останале без алатките што секојдневно ги користеле.

OpenAI попушти по бран на откажувања на претплатите

По заканите за масовно откажување на претплатите, Алтман на мрежата „Икс“ објави дека лимитот на пораки за корисниците на ChatGPT Plus се удвојува, а моделите од серијата 4 о повторно ќе бидат достапни за сите што сакаат да ги користат. Не прецизираше, сепак, колку долго постарите верзии ќе останат во понудата.

Тој призна дека OpenAI потценил колку им се важни на корисниците одредени карактеристики на GPT-4, „иако GPT-5 во поголемиот дел од аспектите дава подобри резултати“. Дополнителен проблем за компанијата е откритието дека две безбедносни групи – SPLX и NeuralTrust – успеале да ја пробијат заштитата на GPT-5 со минимален напор.

И покрај попуштањето и враќањето на популарните модели, многумина кои веќе ја откажале претплатата не планираат да се вратат. За OpenAI тоа значи дека лансирањето на GPT-5, наместо очекуван триумф, се претворило во еден од најпроблематичните моменти во историјата на компанијата.