Сè повеќе работници на Google потпишуваат петиција со која од работодавецот бараат да не се вклучува во бизниси со војувањето, а наводно некои од нив отишле и подалеку и си дале отказ во знак на протест против соработката со американската војска, пишуваат светските медиуми.
Околу 4.000 вработени во Google наводно ја потпишале петицијата што почнала да циркулира во компанијата пред три месеци, а всушност претставува барање до интернет-гигантот да не ја користи вештачката интелигенција со цел американските воени дронови да се програмираат за прецизно распознавање на целите што ги следат.
Од „Гугл“ веднаш не одговориле на медиумските прашања за проектот Maven во рамките на кој инженерските и машинските познавања наводно се користат за разликување на луѓето од објекти во видеоснимките направени од беспилотни летала, кои се користат за потребите на Министерството за одбрана на САД.
„Веруваме дека компанијата не треба да биде вклучена во проекти поврзани со војување“, се вели во петицијата, чија копија беше објавена на интернет.
„Токму поради тоа, бараме повлекување од проектот Maven и Google повторно да го скицира, објави и спроведе на дело начелниот став дека компанијата и нејзините соработници никогаш нема да развиваат технологија за воени потреби“, стои во петицијата.
Петицијата, меѓу другите, добила поддршка и од Фондацијата за електронски граници, активистичката група за права на интернет и Меѓународниот комитет за контрола на роботизирано оружје.