Интернет компанијата Yahoo е заинтересирана да го купи прелистувачот Google Chrome доколку американскиот федерален судија одлучи дека Google мора да го продаде.
Google можеби ќе мора да го стори ова за да избегне обвинувања за монопол, а извршниот директор на Yahoo, Брајан Провост, на судско рочиште изјави дека Yahoo е заинтересиран.
Според него, Yahoo проценува дека Chrome ќе се продава по цена од неколку десетици милијарди долари, пренесува Bloomberg. Патем, Yahoo беше водечки играч на пазарот за онлајн пребарување на почетокот на 21 век, но подоцна ја изгуби својата позиција откако Google стана многу успешен.
Yahoo беше продаден неколку пати, а од 2021 година е во сопственост на Apollo Global Management.
И компанијата OpenAI е заинтересирана за прелистувачот Chrome, изјави менаџерот на производот Ник Терли на судското рочиште минатата недела. ChatGPT веќе има достапен за преземање додаток за Chrome, но Тарли верува дека подлабоката интеграција би создала подобар производ.
Министерството за правда на Соединетите Американски Држави смета дека Google го монополизирал пазарот и бара компанијата да продаде дел од својот бизнис, вклучувајќи го и Chrome, за да овозможи поголема конкуренција.
Од друга страна, Google тврди дека предлогот на владата би им наштетил на потрошувачите, би ги деградирал секојдневните производи и би го поткопал лидерството на САД во технологијата.