Иако Google го најави ова ажурирање со образложение дека „ја подобрува стабилноста на батеријата“, се чини дека практично ја уништи батеријата на многу корисници, а со тоа и искуството од користење на паметен телефон.
Корисниците на телефонот Google Pixel 4a, кој беше претставен во 2020 година, се соочуваат со сериозни проблеми со батеријата по неодамнешното ажурирање на софтверот. Имено, многу сопственици на овој телефон известуваат дека нивната батерија значително се намалила по инсталирањето на ажурирањето.
Како што објави Ars Technica, Google на почетокот на јануари лансираше програма наречена „Pixel 4a Battery Performance Program“, преку која беше најавено дека ажурирањето ќе го ограничи капацитетот на полнење и ќе го намали траењето на батеријата на одредени уреди. На корисниците им беа понудени три опции во рок од една година – замена на батеријата, паричен надомест од 50 долари (или еквивалент во локална валута) или кредит од 100 долари за купување на нов Pixel во Google Store.
Google во своето соопштение не прецизираше што го предизвикало проблемот или дали има безбедносни ризици поврзани со батеријата, но Хектор Мартин, експерт познат по својата работа на Asahi Linux, детално го анализирал ажурирањето и открил неколку необични детали. Тој забележал, на пример, дека новата верзија на софтверот е развиена на персоналниот компјутер на инженерот на Google, наместо на официјалниот систем за изработка на софтвер. Исто така, во новата верзија на системот, максималниот напон за полнење на некои профили на батерии е променет од 4,44 V на 3,95 V, што значително го намалува капацитетот на батеријата.
Анализата на Мартин, исто така, покажа дека постојат два главни типа на батерии во Pixel 4a, означени како „ATL“ и „LSN“, кои најверојатно доаѓаат од различни производители (Amperex Technology Limited и Lishen). За батериите со ознака LSN, кои се означени со профилот „debug“, капацитетот е намален од 3.080 mAh на само 1.539 mAh, а токму тоа води до драстично намалена автономија.
Некои корисници на Pixel 4a велат дека нивната батерија трае помалку од два часа со едно полнење, додека други тврдат дека нивниот телефон станал речиси неупотреблив. Проблемот дополнително се комплицира со фактот што Google ги отстрани сите оригинални софтверски пакети за враќање на постара верзија на системот.
Некои дури се обидоа да ја заменат батеријата, но набрзо открија дека новите батерии го имаат истиот намален капацитет, што укажува на тоа дека проблемот најверојатно е поврзан со одреден тип на ќелии на батерии што сè уште се користат во моделите за замена. Затоа, практично нема решение и корисниците се принудени да користат таков телефон или да се согласат на компензацијата на Google.
Но, иако Google нуди финансиска компензација, начинот на плаќање им создава дополнителни проблеми на корисниците. Надоместокот се плаќа преку услугата Payoneer, која бара внесување на лични податоци, што за некои може да биде незгодно, а интересно е што се наплаќа годишен надомест од 30 долари за сметки кои не добиваат повеќе од 2.000 долари. Ова би значело дека наместо 50 долари, корисниците ефективно добиваат само 20 долари, освен ако, се разбира, не добијат вкупно 2.000 долари на Payoneer за една година.
Дополнително, кредитот од 100 долари на Google Store може да се користи само за купување Pixel-и што не се на попуст, што дополнително ги ограничува опциите на корисниците.