Во голема меѓународна полициска операција, Matrix, уште една мобилна апликација што ја користеа криминалците за кореспонденција со енкрипциска заштита, беше затворена три години по нејзиното откривање и повеќемесечно следење.

На почетокот на месецот Europol, Eurojust и неколку полициски оддели од повеќе земји спроведоа акција во која беше исклучена уште една апликација, исклучиво креирана за полесно да се комуницира далеку од очите на истражителите.

Тоа не е првата апликација од овој тип која е откриена и затворена, ако се потсетиме на платформата Sky ECC (поради која и денес се апсат криминалци), потоа EncroChat и можеби најпознатиот случај на апликацијата Anom, која е создадена од страна на самото ФБИ и беше подметната на криминални групи ширум светот.

Операција Passionflower
Последниот случај потекнува од Европа, каде при истрага за обид за убиство на новинар во Холандија, на телефонот на осомничениот, уште во 2021 година, била пронајдена апликацијата Matrix. И таа користела софистицирана шифрирана заштита, веднаш била сомнителна и набрзо била покрената опсежна истрага. Во неа учествувале истражители од Холандија и Франција, со поддршка на Europol, кои во последните три месеци успеале да влезат во мрежата и да ги следат комуникациите на нејзините корисници, потенцијални осомничени за различни криминални дела.

Според Europol, истрагата покажала дека Matrix е технички посложена апликација од гореспоменатите Sky ECC и EncroChat, а нејзините иницијатори биле сигурни дека е непробојна. И во овој случај пристап до апликацијата можеше да се добие само со покана, а во позадина на се имаше околу 40 сервери во Германија и Франција. Сепак, се покажа дека шифрираната заштита на Matrix-от не е непробојна, па истражувачите успеаја да се пробијат во нејзината мрежа со „иновативна технологија“ и за три месеци собраа и дешифрираа 2,3 милиони пораки на 33 различни јазици – што е обемен доказен материјал кој сигурно ќе се користи во многу криминални истраги. Пораките се, имено, поврзани со меѓународната нелегална трговија со наркотици и оружје и перење пари.

На почетокот на декември, по три месеци следење на комуникациите, беше донесена одлука за преземање акција, а полицијата на Холандија, Франција, Италија, Литванија и Шпанија изврши координирани рации во рамките на акцијата наречена Passionflower. Во нив е уапсена група луѓе и запленети се главните сервери, а потоа на корисниците им била испратена порака за пресретнување на комуникациите, која е достапна и на официјалната страница на акцијата.

Сите пораки што некогаш биле испратени преку Matrix, велат тие, ќе можат да се користат во истрагите. „Ова не е прв и нема да биде последен пат да можеме да читаме пораки во реално време. Добивме пристап до податоците поврзани со оваа услуга и нашата истрага не завршува тука“, е пораката до сегашните корисници на изгаснатата апликација.