Основачот на Телеграм, Павел Дуров беше премногу слободен во пристапот кон водење на социјалната мрежа и тоа го чинеше, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Француските обвинители го ослободија Дуров од притвор откако тој беше испрашуван четири дена поради наводите дека апликацијата за пораки била користена за нелегални активности како што се споделување фотографии од сексуална злоупотреба на деца, трговија со дрога и измама.
Дуров беше приведен на аеродромот Ле Бурже во близина на Париз во саботата, како дел од судската истрага започната минатиот месец за 12 наводни злосторства.
Неговиот адвокат рече дека е апсурдно да се сугерира дека тој треба да биде одговорен за какви било злосторства извршени на апликацијата, која има речиси милијарда корисници и е многу популарна во Русија, Украина и другите земји од поранешниот Советски Сојуз, пренесува Ројтерс.
Лавров, во говорот пред студентите на елитниот московски Универзитет МГИМО, кој го води Министерството за надворешни работи, го повтори ставот на Кремљ дека истрагата за Дуров е дел од пошироката политичка игра на Западот против Русија.
„Павел Дуров беше премногу слободен. Тој не ги слушаше западните совети за модерирање на неговите идеи“, рече Лавров.
Руските власти, меѓутоа, со години вршат притисок врз Дуров и неговите технолошки производи.