Кинеската компанија Huawei подготвува нов моќен чип со капацитети за користење вештачка интелигенција.

Овој чип се вика Ascend 910C, а Кинезите тврдат дека е споредлив со можностите на чипот H100 од калифорниската компанија Nvidia, објави WSJ, повикувајќи се на анонимни информирани извори.

Според извештаите, кинеските интернет и телекомуникациски компании моментално ги тестираат можностите на новиот чип, пренесува Ројтерс.

Во извештајот се наведува дека Huawei има намера да започне со испорака на чипот Ascend 910C во октомври, а првите клиенти би можеле да бидат сопственикот на Tiktok, Bytedance, технолошкиот гигант Baidu и China Mobile.

Прелиминарните преговори меѓу Huawei и потенцијалните купувачи покажуваат дека нарачките најверојатно ќе надминат 70.000 чипови по вкупна цена од приближно две милијарди долари.

Американските регулатори минатата година одлучија да спречат продажба на напредни Nvidia чипови на кинески клиенти поради загриженоста за националната безбедност на САД.

Nvidia сега им нуди на клиентите во Кина чиповите H20, кои имаат значително помала компјутерска моќ во споредба со чиповите H100.