Јапонците планираат да испратат робот во нуклеарната централа во Фукушима, а негова задача ќе биде да земе примерок од нуклеарно гориво.
Станува збор за робот со далечинско управување, а целата операција е планирана за октомври – досега се направени тестови и собрани се околу три грама примерок.
Ова беше само тест, а во мисијата што го чека наесен, роботот мора да влезе во озрачениот реактор, да го извади нуклеарниот материјал и да го врати назад за научниците да го анализираат.
Ова е дел од поширок план, бидејќи операторот ТЕПКО има намера да ја исчисти целата локација во следните 30-40 години. Ќе биде многу тешко тоа да се направи во дадениот рок, но фактот дека неколку дронови веќе биле во „извидување“ покажува дека се подготвени да се потрудат.
Во трите оштетени реактори, се верува, има околу 880 тони радиоактивно стопено нуклеарно гориво. Секој реактор има различен степен на оштетување, па затоа е неопходно да се прилагоди пристапот на операторот.
Да потсетиме, катастрофата во Фукушима се случи на 11 март 2011 година, како последица на природни настани – земјотрес и цунами.