Сигурно веќе сте ја виделе најинтересната фотографија на славниот физичар Алберт Ајнштајн – онаа со јазикот. Знаеме дека таа не е монтажа, туку фотографијата е автентична. Но дали некогаш сте се запрашале како настанала оваа слика?

Пријателите и колегите на Алберт Ајнштајн му приредиле прослава на 14 март 1951 година, во клубот Принстон, по повод неговиот 72-ри роденден. На прославата пристигнале голем број гости, како и фотографи од медиумите.

Како што течела прославата, Ајнштајн станал прилично изморен, но ја исполнувал својата должност и позирал пред фотографите.

На крајот, еден пријател на Ајнштајн се понудил да го однесе дома од прославата. И токму кога влегол во автомобилот, еден фоторепортер извикал:

“Може ли уште една фотографија!”

Фотографот Арт Сасе раскажал дека Ајнштајн после тоа се завртил и го исплазил јазикот, а тој ја направи фотографија која денес е најпозната, пишува Експрес.

Фотографијата му се допаднала и на самиот Ајнштајн, кој од фотографот нарачал дури девет примероци. Некои од нив ги искористил како честитки.