Онлајн пиратеријата постои речиси онолку долго колку што трае Интернетот, а бидејќи неодамна се зголеми бројот на страници за кои е потребна претплата, пиратеријата станува се почеста.
Бројот на посети на пиратски веб-страници достигна 141 милијарда во 2023 година – околу 386 милиони посети секој ден. Ова бележи пораст од 12% во споредба со 2019 година, според анализата на британската организација МУСО и консултантската фирма Кирни.
Според анализата, пиратеријата главно се одвива во САД и Индија, иако Европа и азиско-пацифичкиот регион имаат повисока стапка на пиратерија по глава на жител.
Низ Азија, имало во просек 34 посети на пиратерски локации во 2023 година по лице, во споредба со 26 посети во Северна Америка.
Најголемата причина за тоа е „заморот од претплатата“, односно тоа што корисниците треба да се претплатат на голем број стриминг сервиси за да гледаат се што ги интересира, вели Енди Чатерли од МУСО.
Чувството на одбивност кон овие платформи дополнително се зголемува со нивната практика на сè поголема борба против споделувањето лозинки, потоа воведување реклами и генерално ограничување на бројот на уреди кои можат да гледаат серии или филмови во исто време.
Кога на сето ова ќе се додаде периодичното поскапување, се добиваат причините поради кои луѓето најчесто прибегнуваат кон пиратеријата, како и одговорот зошто има се повеќе „пирати“ како што одминуваат годините.