Се чини дека многу корисници не се целосно свесни за опасностите со кои се соочуваат поради овој тренд.
Неодамна низ Инстаграм се прошири тренд каде корисниците снимаат видеа во кои одговараат на некои лични прашања. Трендот „Get To Know Me“ на прв поглед изгледа безопасен и забавен, но безбедносните експерти предупредуваат на опасностите што ги чекаат оние кои поставуваат вакви видеа.
Имено, во видеата на Инстаграм корисниците откриваат многу лични работи и детали за себе и својот живот – од возраста, датумот на раѓање, висината, местото на раѓање и живеење, дали имаат тетоважи или пирсинг, омилени градови, храна, пијалоци, итн. Покрај на Instagram, овој тренд се повеќе се шири и на TikTok, а како причина зошто корисниците јавно би ги објавиле сите овие лични работи, најчесто ја наведуваат желбата за запознавање други луѓе.
Со објавување на овие информации, кои особено се однесуваат на корисниците кои јавно ги објавуваат, односно чии профили се достапни за секого, се споделуваат информации кои можат да бидат од големо значење за хакерите и сајбер-криминалците.
Ова неодамна го предупреди експертот за сајбер-безбедност Елијана Шајло, која и самата размислувала за видео предизвикот „Get To Know Me“. Но, додека одговарала на прашањата, сфатила дека некои од овие податоци во суштина се одговори на нејзините безбедносни прашања за различни услуги. Дури и ако не ги откриете одговорите на безбедносните прашања со објавување на овие информации, сè уште им давате на криминалците и хакерите многу лични информации кои подоцна можат да ги користат за социјален инженеринг за да ги направат најубедливите измами.
„Доколку сте го направиле ова на Инстаграм, буквално избришете го тоа веднаш“, ги предупреди Шајло сите корисници на социјалната мрежа на Мета. Слично предупредување доаѓа од американското Министерство за правда: Секој може да види што објавувате на интернет. Споделувањето лични информации со луѓе кои лично не ги познавате е еден од најголемите ризици на интернет.
„Њујорк Пост“ пренесе објави од некои корисници на социјалните мрежи кои се пожалија дека нивните сметки биле хакирани само два дена откако објавиле многу лични информации на Инстаграм како дел од трендот.