Оние кои сакаат да се збогатат во новото доба ќе треба да размислуваат надвор од рамките на достапните опции, што значи дека првиот трилијардер на светот нема да биде од светот на банкарството, технологијата или криптовалутите.
Секторот на кој треба да се фокусираат е истовремено традиционален и ултрафутуристички – рударство во вселената – тврди американската инвестициска банка „Голдман Сакс“.
Дека навистина се работи за заработка со астрономски суми од 12 нули, потврдува и познатиот астрофизичар Нил Деграс Тајсон.
„Има огромен простор со неограничена енергија и ресурси. Доволно е да погледнете само колку војни се водат за пристап до ресурси. Тоа би можело да остане во минатото кога вселената ќе ни биде во двор“, рече Деграс Тајсон.
Тој предвидува дека првиот човек кој ќе се збогати со копање руда во вселената ќе биде оној кој ќе ги искористи природните ресурси на астероидите, имајќи предвид дека се богати со железо, никел и благородни метали и тоа во многу поголема концентрација отколку на Земјата.
Американската вселенска агенција НАСА досега има идентификувани преку 12.000 астероиди што се оддалечени околу 45 милиони километри од Земјата, а тоа богатство во иднина може некому да му донесе заработка од трилијарди долари.
Меѓу првите кои го препознаа овој потенцијал е Луксембург, земја која почна со вложување во оваа цел, со намера да стане светски рударски центар. Еден од плановите на оваа мала европска држава е да издвои 223 милиони долари од државниот буџет, во раната фаза од финансирањето, како поддршка за компаниите кои веќе работат на проекти за вадење руда во вселената, како и да оствари соработка со водечките компании во овој сектор, Deep Space Industries и Planetary Resources.
Поврзани артикли