Google воведува нови алатки и опции за заштита кои ќе ви помогнат да ја задржите контролата над вашите лични податоци на интернет. Иако алатката „Results about you“ не е нова, таа носи одредени подобрувања.
Пронаоѓањето и отстранувањето на контакт информациите од резултатите од пребарувањето на Google е уште полесно и автоматизирано.
Откако ќе ги внесете податоците за контакт (адреса, телефонски број, е-пошта) во вашиот Google профил, Google ќе ве извести кога ќе ги најде во резултатите од пребарувањето, со можност да побарате нивно бришење.
Полесен начин за наоѓање и отстранување резултати
Алатката „Results about you“ (Резултати за вас) која беше воведена минатата година останува во својата оригинална форма, одржувајќи ги сите постоечки опции.
Она што е ново е тоа што веќе не мора ни да ги пребарувате вашите лични податоци, Google ќе го направи тоа автоматски според она што е на вашиот профил на Google.
Резултатите што ќе ги најде Google ќе бидат прикажани во нова контролна табла преку која ќе може да се испрати барање за нивно отстранување. Важно е да се напомене дека отстранувањето на содржината од пребарувањето на Google не ја отстранува содржината генерално од веб или други пребарувачи, се вели во објавата.
Алатката моментално е достапна само во САД на англиски јазик, а се работи на тоа наскоро да биде достапна за нови локации и повеќе јазици.