Dark Energy Camera (DECam), инструмент поставен на телескопот Victor M. Bianco во Cerro Tololo Inter-American Observatory (CTIO) создаде импресивна галактичка панорама објавена од Харвард.
Панорамата покажува повеќе од 3 милијарди ѕвезди кои сјаат „набиени“ меѓу тенки појаси прашина во нашата матична галаксија, Млечниот Пат. Податоците користени за креирање на оваа панорама доаѓаат од второто издание на истражувањето под името Dark Energy Camera Plane Survey (DECaPS2).
„Една од главните причини за успехот на истражувањето DECePS2 е тоа што едноставно таргетиравме регион со екстремно висока густина на ѕвезди и бевме внимателни да ги идентификуваме изворите кои се чини дека се речиси еден врз друг. Ова ни овозможи да создадеме најголемиот каталог досега со една камера, и во однос на бројот на набљудувани објекти“, рече Ендрју Сајџари од Харвард.
Првите податоци за DECaPS беа објавени во 2017 година, а нивното второ објавување покрива 6,5 проценти од ноќното небо и опфаќа неверојатни 130 степени во должина.
„Кога се комбинира со слики од системот Pan-STARRS 1, DECaPS2 комплетира панорамски приказ од 360 степени на дискот на Млечниот Пат, а исто така достигнува многу побледи ѕвезди. Со ова ново истражување, можеме да ја мапираме тродимензионалната структура на ѕвездите на Млечниот пат и прашината со невидени детали“, рече Едвард Шлафлај, еден од авторите на трудот.
Истражувањето DECaPS2 идентификуваше 3,2 милијарди објекти од повеќе од 21.400 индивидуални експозиции кои произведуваат повеќе од 10 TB податоци. Ова им овозможи на астрономите да се „нурнат“ во галактичката рамнина за подобро да го разберат Млечниот пат.