Кои точно функции ќе ги има Android 14 кога ќе излезе оваа година? Се надеваме дека ќе има барем еден од овие.
Додека некои се уште го чекаат доаѓањето на Android 13 на нивните телефони, Google веќе го најавува Android 14, кој ќе пристигне на најмодерните уреди во текот на 2023 година. Колку и да е добар оперативниот систем, секогаш може да биде подобар, а овие функции, веруваме дека можат да го подобрат корисничкото искуство со Android 14.
Комплети со виџети
Ако користите виџети, вашиот Home екран е веројатно многу зафатено место – тој е полн со апликации и анимирани информативни панели. Она што може да го олесни се виџетите кои стојат еден врз друг и се менуваат автоматски или со лизгање.
На овој начин можете да додавате корисни виџети на почетниот екран и да го извлечете максимумот од вашиот телефон без да го натрупувате екранот. Оваа функција најпрво излезе на iPhone, а подоцна беше претставена на телефоните на Samsung преку One UI 5, што значи дека би било идеално доколку Android ја ископира наскоро, пишува MakeUseOf.
„Заспани“ апликации
Друга корисна функција, која би сакале да ја видиме во Android 14, е можноста за „заспивање“ на апликациите кои не се во употреба. Никој не сака тие да работат во позадина без причина, што значи дека ако ги „заспиете“ може да заштедите на ресурси како RAM меморија, батерија и процесорска моќ.
Постојат апликации во Play Store од различни производители кои се обидуваат да ја имитираат оваа функција, но повеќето од нив се несигурни и може да предизвикаат несакани проблеми, како што се паѓање на апликациите или неиспраќање потсетници.
Заклучување одделни апликации
Можеби сакате да заклучите некои од апликациите за дополнителна безбедност, било да е тоа галерија, банкарски апликации и така натаму. Андроид моментално нема можност да заклучува апликации со лозинка, а решението најчесто доаѓа преку скинови како Oppo ColorOS и Xiaomi MIUI.
Заклучувањето на апликациите му дава мир на корисникот ако некој успее да го заобиколи заклучениот екран на телефонот.
Индикатор за здравјето на батеријата
Долготрајното користење на електрониката, вклучително и паметните телефони, ја троши батеријата на неколку начини – поточно нејзината функционалност и здравје полека почнуваат да опаѓаат, што значи дека не може да издржи иста количина на енергија како порано. Со други зборови, вкупниот капацитет на батеријата е ограничен поради природниот процес на абење и кинење на хардверот.
Можете да ја проверите состојбата на батеријата на iPhone, но Android сè уште ја нема таа функција. Идеално, батеријата треба да остане на околу 80 проценти од својот максимален капацитет по 800 циклуси на полнење, што значи дека ако го полните телефонот еднаш дневно, треба да ја замените батеријата по околу две години.
Рачна контрола за Material You
Нам ни се допаѓа дизајнот Material You на Android 12, но проблемот е што тој не нуди целосна контрола врз поединечните елементи на интерфејсот.
На пример, не можете да изберете поединечни бои за панелот за брзи поставки и виџетот на часовникот. Системот ги користи избраните палети на бои и автоматски ги применува оние што „мисли“ дека се најдобри. Иако работи многу добро, би било одлично да ги смениме и боите.
Подигање слика од позадина
iOS 16 на Apple воведе интересна карактеристика на iPhone: способност да се подигне елемент на сликата од позадина и да се сподели со други. Тоа е вградена алатка која ја поместува позадината на сликите, но она што ја прави посебна е едноставноста на нејзината примена.
Сè што треба да направите е долго да го притиснете предметот што треба да се избере и да обезбедите опција да го повлечете во полето за текст или да копирате и залепите од меѓумеморија. Брзо е, интуитивно и сакаме Android 14 да го претстави како една од неговите карактеристики.