Денешните телефони скоро редовно имплементираат систем со две камери на задната страна, а ова веќе станува тренд и кај моделите од средниот сегмент. Меѓутоа, имавме прилика да видиме и модел со три камери на задната страна – Huawei P20 Pro. Изгледа дека Apple за следната година го подготвува и првиот iPhone модел со три камери на задниот дел.
Според извештаите на тајванскиот Economic Daily News, се сугерира дека iPhone за 2019 година ќе има систем со три леќи на задниот дел на уредот.
Извештајот споменува дека системот на камери на iPhone за следната година, ќе го предводи сензор од 12 мегапиксели, а тука ќе биде и опцијата за 5х зумирање. Не е специфично споменато дали се работи за оптички, хибриден или дигитален зум.
Информациите треба да се земат со доза на резерва, бидејќи моментно се само во доменот на гласини, а до објавата на iPhone за 2019. година има уште неколку месеци.