Главните европски оператори на мобилни мрежи најавија проект за пренос на тридимензионални слики во реално време.
Операторите Vodafone, Telefonica – O2, Deutsche Telekom и Orange сакаат холограмски повици за голем број потрошувачи.
Финансиските детали не се споменати во соопштението објавено оваа недела.
Проектот предвидува холограмските податоци во иднина да се пренесуваат преку различни мрежи. Преку очилата за виртуелна реалност може да се види тродимензионалниот горен дел од телото на соговорникот. 3D холограмот се создава благодарение на предната камера.
Телекомуникациската индустрија долго време работи на холограмски врски, кои се технички можни, но многу сложени. Стандардот за мобилна комуникација 5G сега стана важен елемент за напредок на ова поле.
Во 2018 година, Vodafone демонстрираше холограмски видео повик во Алденхофен во минибус во движење. Проектот во тоа време беше заснован на различна технологија од сегашниот проект и беше само умерено визуелно убедлив.
Новиот проект ќе ја направи технологијата понапредна и планот е таа да стане дел од секојдневниот живот. Платформата може да се најде во продажба за околу две години.