На шкотскиот остров Скај беа пронајдени траги од огромни диносауруси стари повеќе од 170 милиони години. Според пронаоѓачите, тие би можеле да помогнат во расветлувањето на еволуцијата на рептилите од периодот јура.

Поголемиот дел од досега пронајдените остатоци припаѓаат на потомците на тираносаурус рекс, наречени тероподи, кои биле високи околу два метри, како и сауроподи, рептили со слична големина и со долг врат.

Новите траги се втора група остатоци од периодот јура пронајдени на островот Скај, откако првата група беше пронајдена во 2015 година. Новите остатоци беа пронајдени во карпите од старите геолошки места на ископување. Ваквото откритие е од глобално значење бидејќи претставува еден од ретките докази за периодот од средна јура, од кој се зачувани многу мал број фосилни остатоци.

„Новите траги ни откриваат сосем нов свет на различни видови диносауруси, роднини на бронтосаурусот со долг врат и острозаби роднини на тираносаурус рекс. Сите траги беа пронајдени во близината на плитка лагуна, а датираат од време кога Шкотска била многу потопла а диносаурусите се спремале за светска доминација“, рече Стив Брусат, еден од предводниците на ова истражување.

Научниците направија мерење, фотографии и анализираа околу 50 траги кои се наоѓаат на полуостровот Тротерниш. Најголемиот од нив има пречник од 70 сантиметри и се работи за трага од сауропод, додека најголемата трага од теропод има пречник од околу 50 сантиметри.