OnLeaks објави на социјалната мрежа Twitter нови рендери од LG G7, кои се создадени по фабрички CAD цртежи и откриваат интересни детали за идниот предводник на Корејците.

Како што е познато, LG ја забави  премиерата на G7 и во јануари се потпре на нова стратегија во однос на мобилните телефони. За време на Светскиот мобилен конгрес телефонот беше демонстриран на партнери на компанијата, а тогаш се појавија и првите фотографии. Се претпоставува дека уредот ќе го видиме во јуни, а меѓу очекуваните спецификации се процесорот Snapdragon 845, 6-инчен LCD екран, 4 GB или 6 GB RAM меморија и двојна камера со 16MP сензори.

Новите рендери ги потврдуваат гласините за засек во екранот. Поинтересниот дел во нив е металната рамка на куќиштето и присуството на стандарден 3.5 милиметарски влез за слушалки. Задниот панел, како и кај G6, ќе биде направен од заоблено стакло. Сензорот за отпечатоци традиционално е лоциран веднаш под двојната камера која овој пат е со вертикална ориентација и потсетува на Huawei Mate 10.

Од рендерите се гледа дека уредот има дополнително копче со нејасна намена, a портот за полнење очекувано е USB-C.