Научниците кои ги проучуваат човечките остатоци од Помпеја извлекле „генетски тајни“ од коските на маж и жена кои биле закопани кога римскиот град бил проголтан од вулканска пепел.

Овој прв „помпејански човечки геном“ е речиси комплетен сет на „генетски инструкции“ на жртвите, кодирани во ДНК извлечена од нивните коски. Античка ДНК била зачувана во тела кои биле закопани во пепел.

Двајцата првпат беа откриени во 1933 година, во она што археолозите во Помпеја го нарекоа Casa del Fabbro, или занаетчиска куќа. Мртвите биле собрани во аголот на трпезаријата, се чини дека ручале во времето кога се случила ерупцијата на 24 август 79 година од нашата ера.

Според антропологот Серена Вива од Универзитетот во Саленто, лицата не се обиделе да побегнат кога се случила ерупцијата. Како можна причина таа ја навела здравствената состојба на овие луѓе, пренесува BBC.

Доброто зачувување на коските и најсовремената технологија им дадоа шанса на научниците да извлечат голема количина на информации од мала количина на материјал.

Едно генетско истражување откри дека машките коски содржат ДНК од бактерии кои предизвикуваат туберкулоза, што сугерира дека оваа личност веќе ја имала болеста пред да умре. Фрагмент од коска од дел од черепот им овозможил на научниците да го откријат целиот генетски код на оваа личност.

Анализата покажа дека тој споделува „генетски маркери“, или препознатливи референтни точки во неговиот генетски код, со други поединци кои живееле во Италија за време на Римската империја. Покрај тоа, тој имал група гени кои вообичаено се наоѓаат кај оние од островот Сардинија, што укажува на тоа дека можеби имало високи нивоа на генетска разновидност на италијанскиот полуостров во тоа време.

Ерупцијата на Везув на 24 август 79 година од нашата ера го закопа овој град и неговите жители. Во времето на уништувањето, Помпеја имала население од околу 20.000. Сега Помпеја е вистинска ризница за археолозите и историчарите бидејќи претставува римски град замрзнат во исто време.