Креаторите на популарната World of Tanks, тимот Wargaming, одлучија да ги напуштат Русија и Белорусија каде повеќе нема да работат, додека канцелариите во Минск ќе бидат трајно затворени.
Според новото официјално соопштение на Wargaming, оваа инаку белоруска компанија, основана од Виктор Кисли во 1998 година, опширно го прегледала својот глобален бизнис во текот на изминатите неколку недели и одлучила да го прекине секое делување во Русија и Белорусија.
Почнувајќи од 31 март, Wargaming започна да ја преместува целата работа поврзана со нивните популарни игри, вклучително и World of Tanks, во локалните Lesta Studios, со кои не се поврзани, со напомена дека сега и во иднина нема да имаат никаков профит од тоа. Впрочем, како што велат, се свесни дека загубите ќе бидат големи, но сепак се решиле на тој чекор.
Процесот на транзиција треба да се спроведе што е можно поскоро во согласност со законот и со акцент на безбедноста на нивните вработени, а во текот на истиот нивните игри ќе бидат функционални во Русија и Белорусија, но никаде не е наведено што ќе се случува потоа и дали ќе ги затворат.
Но, познато е дека тие веќе почнаа да ги затвораат своите канцеларии во Минск, кои беа и нивни први деловни простории каде што програмерите и дизајнерите ги создадоа првите игри и го дизајнираа Wargaming како што го знаеме денес. Потсетуваме дека уште во 2011 година тие го преселија своето глобално седиште на Кипар, додека регионалните центри за Европа и САД беа преместени во Париз, односно Сан Франциско.