Кинеските научници успеале со помош на вештачката интелигенција да развијат роботски систем кој ќе се грижи за ембрионите.
Работата на оваа своевидна роботска „дадилка“, со ефикасност поголема од човековата, веќе е тестирана на ембрионите на глувците.
Главната цел е да се помогне во развојот на ембрионите на животните во научни цели, но во теорија таквата иновација би можела да биде искористена и за човековите ембриони, се наведува во студијата објавена во научно списание.
Научниците од Институтот во Суџоу за биомедицински инженеринг и технологија, ја тестирале работата на ембрионите на глувците во вештачка матка која се состои од неколку комори со хранливи матрии. Тие претходно процесот на развојот на секој ембрион морале да го следат и да го документираат рачно.
Како што се наведува, „дадилката“ без прекин го следи развојот на ембрионот, бележејќи јасни фотографии користени со систем на сензори и леќи и ги регулира во реално време и температура, доводот на воздух, вода и хранливи материи.
Вештачката интелигенција исто така, регистрира доколку некои ембриони неправилно се развиваат или умираат, за да може навреме да бидат отстранети од вештачката матка.
„Оваа технологија не само што би помогнала во понатамошното разбирање на потеклото на животот и ембрионалниот развој на луѓето, туку и би обезбедила и теоретска основа за решавање на вродените маани и другите големи проблеми во репродуктивното здравје“, навеле научниците.
Научниците ширум светот постигнале значаен напредок во создавање на вештачка матка, но експертите укажуваат дека сè уште сме далеку од клиничките испитувања кои би вклучувале и бебе во неа.
„Секој кој вели дека тоа ќе функционира за две години или пак располага со многу податоци кои не се јавно достапни, малку се однесува сензационалистички“, навел Мет Кемп, шеф на перинаталната лабораторија во Австралија.