Израелски научници направија имплант што би можел да им овозможи движење на парализираните лица. Имплантот бил тестиран на парализирани глувци, односно им бил вграден во ’рбетниот мозок. Благодарение на тоа, глувците можеле да се движат. Научниците веруваат дека клиничките испитувања на луѓе ќе започнат за помалку од три години.

Претходните тестови беа спроведени на Универзитетот во Тел Авив. Голема група експерти ги испитале имплантите преку 15 неподвижни глувци. По поставувањето на имплантот, 12 глувци се движеле нормално.

– Доколку имплантите се функционални за луѓето, а веруваме дека ќе бидат, ќе им дадеме надеж на сите парализирани луѓе дека ќе можат повторно да одат – вели професорот Тал Двир.

Тој посочи дека веќе се разговара за клинички испитувања со Американската агенција за храна и лекови (ФДА). Според него, идејата е да се направи посебен имплант за секој човек, за чие производство ќе се користат клетките на лицето на кое му е потребен имплантот. Се очекува дека ова ќе го елиминира ризикот телото да не го прифати имплантот.

Двир потсети дека во светот има три милиони луѓе што се парализирани поради повреда на ’рбетниот столб и дека сѐ уште нема ефикасен третман за нивната здравствена состојба. Овие импланти би можеле радикално да им ги променат животите на луѓето што се парализирани.

Според Двир, ова е првпат човечките клетки да се користат за правење импланти. Значењето на студијата направена на глувци е и тоа што таа е направена на долго парализирани глувци, а не само на оние што штотуку станале парализирани. Испитувањето беше успешно и кај двата вида.

Успехот кај трајно парализираните глувци бил 80 отсто, додека успехот кај новопарализираните или краткотрајно парализираните глувци бил 100 отсто. Човечки клетки биле користени за правење импланти за глувци, пишува онлајн изданието на „Тајмс оф Израел“.