Апликацијата Duo е одговорот на Google за сличната апликација која ја имаат телефоните на Apple, FaceTime. Денеска, како апдејт, таа доби опција за праќање видео-пораки во вид на говорна пошта.
Google Duo ќе им овозможи на корисниците да оставаат видео говорни пораки откако корисникот кој го барале не одговорил, или пак го одбил повикот.
Пораките можат да бидат долги до 30 секунди и ќе исчезнуваат во период од 24 часа, а корисникот кој ја прима пораката ќе може доколку сака да ги зачува во телефонот за понатамошно гледање.
За разлика од претходниот обид на Google да влезе како сериозен конкурент на пазарот на текстуална комуникација преку апликацијата Allo, овојпат Duo изгледа како полн погодок и веднаш си ја најде публиката. Освен на Android, од компанијата изјавија дека имаат и многу корисници на iOS кои се свртеле кон оваа апликација, каде таа рангира на 17-то место на најсимнувани апликации во моментот. Што се однесува до Android, таму веќе одамна беше помината бројката од 100 милиони и сега се наоѓа на работ на поминување на границата од 500 милиони симнувања.