Интервју со Генералниот директор на НЕПТУН, Горан Цветинов

1. Е-продажбата во Нептун порасна за 400 проценти. Кои фактори влијаеа за толку големиот пораст?

Е-трговијата во Македонија генерално е во брз раст. Согласно извештаите за 2018 година од Државниот завод за статистика Е-трговијата во Македонија има пораст од 62 отсто на онлајн купувачи споредбено со 2017. Тоа во број на луѓе значи дека околу 400.000 македонци купиле нешто онлајн во 2018. Интересно е дека дури 52 проценти од овие купувачи направиле онлајн нарачки кај домашни Е-трговци, што е 32 проценти повеќе во споредба со 2017. Исто така, битен податок е вкупната тежина на Е-трговијата во 2018 година, која изнесува 134 милиони евра, од кои 53.5 милиони се остварени кај домашни трговци. 

Заклучокот е дека овој тренд на пораст во Е-трговијата во државата е со забрзано темпо и дека македонците се повеќе сакаат да купуваат онлајн, и уште поважно почнуваат се повеќе да преферираат домашни компании е-трговци во кои имаат поголема доверба. Се очекува овој тренд да продолжи и во следните години согласно дигитализацијата на општеството, компаниите и процесите кои го олеснуваат начинот на живот на нашите граѓани. 

Ова се едни од објективните фактори на нашиот раст. Но, секако резултатите не дојдоа сами. Нашиот раст во првата половина од годината од 400 отсто во споредба со истиот период лани, покрај горенаведните фактори има и друга страна т.е чекорите кои ние ги презедовме на ова поле. Нептун веќе 21 година е лидер на пазарот и е најголемата малопродажна и дистрибутивна мрежа во Македонија на производи од бела техника и апарати за домаќинство со 25 продажни салони во 21 град во Македонија. Нашата визија за постојан раст и иновации во компанијата секогаш не мотивира да ги шириме нашите погледи и константно да работиме на унапредување на продажбата и задоволството кај нашите купувачи. Во 2018 година увидовме дека може да се оптимизира и зголеми Е-продажбата, т.е дека немаме фокус кон тој канал на продажба. Уште тогаш донесовме одлука да преземеме чекори за менување на пристапот кон овој брзорастечки канал и да го унапредиме. Чекорите беа јасни и едноставни. Продуциравме нов веб сајт со напреден и современ пристап кон Е-продажбата со што на многу подобар начин им овозможивме на нашите клиенти да купуваат онлајн. Следен чекор беше и развивањето на NEPTUN мобилна апликација за онлајн шопинг која е прва на македонскиот пазар од овој вид. 

2. Неодамна ја објавивте вашата NEPTUN мобилна апликација за онлајн шопинг. Колку таа придонесе за зголемената онлајн продажба?

Да, продукцијата на NEPTUN мобилната апликација дефинитивно придонесе да се зголеми онлајн продажбата. Интересен факт е дека со лансирањето на мобилната апликација го имаме најголемиот раст во Е-продажбата. Заклучокот е дека онлајн купувачите имаат навики купувањето на производи онлајн да го прават повеќе преку мобилни апликации поради едноставноста и флуидноста на процесот. Олеснувањето на процесот, доброто корисничко искуство и зголемениот маркетинг за онлајн продажба кој го имаме оваа година значително влијаеа на перцепцијата кај корисниците за Нептун како компанија која покрај физичките продавници е застапена и онлајн со огромен избор на производи. Споделувањето на информациите дека голем домашен бренд како Нептун е достапен преку интернет со целата своја понуда за онлајн шопинг делува интересно, безбедно и олеснително за купувачите во комфорноста на својот дом брзо и лесно да купуваат онлајн, што е и иднината на малопродажбата согласно многу истражувања. 

За растот на Е-продажбата придонесоа и други важни пропратни чекори кои ги направивме со продукцијата на новата веб страница и NEPTUN мобилната апликацијата. Најважен чекор е овозможувањето на нашите членови во “haPPy” лојалната програма да можат да ги користат сите привилегии и при купувањето онлајн, а како најбитна привилегија е овозможувањето да купуваат по “haPPy” цени (цени со попуст). Следно, ја дигитализиравме нашата “haPPy” картичка. Тоа значи сите “haPPy” корисници кои се имаат регистрирано на нашиот веб сајт и мобилна апликација ја имаат својата “haPPy” картичка во дигитална форма и може да купуваат во физичките продавници само со прикажување на истата. Корисниците кои немаат “haPPy” картичка ќе може лесно и едноставно да си купат онлајн по промотивна цена со 50% попуст и да бидат дел од нашата лојална програма. Ова се само дел од многуте иновации кои ги вoведовме периодов.

3. Кои од вашите производи најмногу се продаваат преку интернет?

Изненадувачки е тоа што кај нас најпродавани се апаратите за домаќинство со поголема вредност што е парадоксално на јавно достапните статистики кои укажуваат дека просечна онлајн нарачка во Македонија е околу 50 евра. Кај нас сме забележале дека кога луѓето се одлучуваат да купуваат онлајн, купуваат повеќе производи одеднаш. Обично опремуваат цели кујни или домови со повеќе различни видови на апарати за домаќинство. Интересен факт е дека ваквите нарачки се брендовски, т.е купувачите сакаат сите производи кои ќе ги купат да се од еден ист производител – бренд. 

Покрај апаратите за домаќинство, во голема мера се продаваат и мобилни телефони, лаптопи, мали кујнски апарати и апарати за лична нега и убавина. 

Сме забележале дека помалку се купуваат телевизори, бидејќи купувачките навики за овој вид на производ се дека луѓето обично сакаат да отидат во продавница и го видат квалитетот на слика, па потоа да го купат таму или пак онлајн. 

4. Со оглед на тоа дека се позиционирате на онлајн пазарот во Македонија кој е во нагорна линија, кои се вашите препораки, како да се поттикне Е-трговија на македонскиот пазар?

Потребно е да се подигне довербата кај купувачите дека нивните трансакции, пари и лични податоци се безбедни. Во време на огромен број на странски и домашни лажни и/или сомнителни Е-продавници кои нудат производи сo слаб квалитет или пак прават измами, директно се намалува довербата кај јавноста за овој продажен канал. За овој проблем кај нас се уште нема превентивно решение. Се преземаат мерки само откако некој купувач ќе биде оштетен, а согласно со информациите со кои располагаме многу мал дел од овие случаи се разрешуваат.

Следна препорака е да им дадеме до знаење на нашите граѓани дека е подобро, побезбедно, побрзо и поедноставно да купуваат техника од домашни Е-трговци. Сега статистиката покажува дека 61% од сите онлајн трансакции се кон странски Е-продавници. Причината за оваа бројка е трендот да се нарачува од странство техника по ниски цени, но со непроверен квалитет, без гаранција, без фиксни рокови на достава и огромен ризик од безбедносен аспект. Доколку успееме со едукативна пропаганда како држава или сектор да им го објасниме ова на нашите граѓани значително ќе влијаеме врз соодносот помеѓу онлајн трансакциите во странство и дома.

5. Нептун е една од најиновативните компании во државава. Колку тоа влијае на продажбата, на конкуренцијата и кај потрошувачите? 

Лидер на пазарот се станува само со иновации, креативност и посветеност во работата. Со иновациите кои се воведуваат годиниве може да се направи и паралела во растот на продажба. Како примери ќе ги земеме лојалната програма и ”happy” картичката и “happy” кредитот кои ни донесоа огромен раст во продажбата.

Во однос на конкуренцијата, многу компании од државава и регионот ги “копираат” нашите методи на работа, што е доказ дека работите кои ги воведуваме се исправни и се клуч за успешност. Може лесно може да се забележи дека се што ќе направи Нептун, многу компании во Македонија истото го инкорпорираат за одреден период. Ова особено се забележува во нашиот сектор на продажба на апарати за домаќинство, но и во останатите сектори на малопродажба. 

Купувачите секогаш од Нептун очекуваат повеќе за разлика од конкуренцијата. Тие знаат дека со секое купување ќе добијат во Нептун повеќе отколку кај конкуренцијата. Ние секогаш се трудиме на нашите клиенти да им презентираме нешто ново, нови услуги, производи, начини на работа со цел да ги задржиме и секако да привлечеме нови.

6. Нептун лани одбележа две децении работа и долго време сте најуспешна компанија од овој сектор со најголем удел во пазарот. Каков беше развојот на оваа компанија и каде котира во моментов на пазарот?

Да, во 2018 година одбелжавме две децении постоење на македонскиот пазар. На јубилејот го презентиравме “времепловот” со кој стигнавме на оваа позиција како лидер на пазарот. Од една мала продавница во “ГТЦ”, Нептун прерасна во ланец oд 25 продавници во 21 град во Македонија. Нептун има повеќе од 410 вработени, што не позиционира како најголем ланец на продавници за бела техника и електроника во Македонија, ако се земат предвид бројот на продавници, изборот на производи, брендови, приходите и дополнителните услуги. 

Нептун е дел од Групацијата “Балфин” која во Македонија периодов е застепана со проектот “Ист Гејт” новиот трговски центар кој се гради на локацијата на поранешен “Скопски Саем”. Групацијата „Балфин“ е една од најголемите приватни инвестициски групации во регионот, позната по своите инвестиции во трговски центри, резиденцијални и комерцијални локации, во банкарскиот сектор преку Tirana Bank, туристички проекти, како Green Coast Resort и Vala Mar Residences, активности во модната и во рударската индустрија, како и во малопродажбата преку брендови како „Нептун“,  Jumbo, SPAR итн.

7. Може ли да ни кажете нешто повеќе за идните планови на Нептун?

Континуирано работиме на унапредување на севкупното купувачко искуство. За таа цел, секогаш сме во процес на имплементација на нови технологии и алатки, кои ќе ни помогнат да подобро ги разбереме потребите и навиките на потрошувачите. Бенефитите од новите технологии, нашите купувачи веќе може да ги искусат. Онлајн дигиталното искуство веќе го доведовме на напредно ниво. Моментaлно активно работиме на нови дигитални технологии со кои ќе им овозможиме и финансирање/кредитирање при онлајн купување. 

Активно се работи и на уште подобро купувачко искуство во физичките продавници. Наскоро следи отворање на нова најголема Нептун Премиум продавница во “Скопје Сити Мол” во која ќе им овозможиме врвно купувачко искуство на нашите клиенти.