Neuralink, американската невротехнолошка компанија во косопственост на Eлон Маск, наскоро ќе почне со првите клинички испитувања на мозочни импланти кај луѓе.
Британски „Гардијан“ пишува дека Neuralink почнала да бара лица кои ќе ги водат овие испитувања.
Имено, има објавено огласи за работни позиции шеф и координатор на клинички испитувања. Во огласите се наведува дека вработените ќе соработуваат со некои од најиновативните лекари на денешницата и врвни инженери, како и со првите учесници во клиничко испитување од овој тип.
Маск, чие богатство се проценува на 256 милијарди долари, вели дека е голем оптимист во врска со проектите и тврди оти имплантите ќе им овозможат на тетраплегичарите да одат.
Тој исто така вели дека парализираните умствено ќе можат побрзо да користат паметен телефон од луѓето кои го користат со прсти.
Маск се надева дека американската Агенција за храна и лекови на (ФДА) ќе ја одобри употребата на овие чипови.
„Мислам дека со ‘Neuralink имаме шанса да го излечиме и да го направиме функционално телото на лице со оштетен ‘рбетен мозок. Успеавме да го постигнеме тоа кај мајмуните, а правиме многу тестирања и може да потврдиме дека имплантот е многу безбеден и сигурен и може безбедно да се отстрани“, изјави Маск.
„Гардијан“ пишува дека Маск има долга историја на големи ветувања во врска со Neuralink. Пред три години, тој рече дека првите импланти во глава на човек ќе бидат поставени во 2020 година. Меѓу другото, шефот на „Тесла“ и „Спејс екс“ тврдеше дека имплантите ќе се полнат безжично.