Изминатата 2021 година македонската компанија BtoBet, која е еден од водечките провајдери на софтвер за спортско обложување во светски рамки, ја завршува со зајакната, но и унапредена позиција на глобалната “iGaming” сцена.
Со вкупно 15 нови партнерства, раст на приходите од близу 70 отсто во период од само девет месеци и миграција на сите брендови на групацијата Aspire Global на платформата на BtoBet за време на крајот на третиот и четвртиот квартал од годината, компанијата ја заокружува 2021 со извонредни резултати кои се солидна основа и поттик за одличен почеток и продолжување на позитивниот тренд во 2022 година.
Управниот директор на BtoBet, Зоран Спасов Ѕоф, вели дека годината пред нив изгледа навистина ветувачка и возбудлива за компанијата, особено имајќи ја предвид посветеноста за комерцијално проширување на нови пазари преку нови партнерства. Покрај атрактивноста на европскиот континент кој може да понуди многу, благодарение на новорегулираните можности, интересни се пазарите како Бразил каде претстojните регулаторни реформи би имале директен ефект врз соседните земји кои сè уште заостануваат од законодавна гледна точка, а каде BtoBet го најави своето присуство преку партнерството со FanDuel во ноември.
„Горди сме на она што го постигнавме во годината зад нас. Успехот на BtoBet во индустрија којашто континуирано бележи експоненцијален раст и забрзан развој, во најголема мера се потпира на агилниот, но пред сè ефикасен и безбеден технолошки пристап, зад кој стои врвен тим професионалци и експерти во своето поле на делување. Одличните резултати кои ги забележавме пред сè се должат на нашиот највреден ресурс, а тоа е квалитетниот кадар кој значително се зголеми изминатата 2021 и го забрза нашето развојно темпо. Цврсто верувам дека овој моментум ќе продолжи и во претстојната 2022 и ќе послужи како темел за консолидација и натамошен раст на компанијата“, истакна Спасов, додавајќи дека фокусот на BtoBet останува на поставување стандарди во однос на висококвалитетните производи кои ги испорачува, како и унапредување на платформата којашто на партнерите и нивните играчите ќе им обезбеди уште подобро персонализирано искуство во електронското спортско обложување.
По особено кризната 2020 година, во 2021 iGaming индустријата почна брзо да закрепнува, но според Зоран Спасов Ѕоф, изминатите 12 месеци покрај закрепнување, биле обележани и со низа можности, а примарната цел компанијата да го консолидира присуството на пазарите во коишто има лидерска позиција, конкретно Латинска Америка и Африка, истовремено проширувајќи се на зрелиот европски пазар, е успешно исполнета, а очекувањата се и повеќе од надминати. Покрај силната позиција која ја постави во Обединетото Кралство, во декември BtoBet влезе и на полскиот пазар преку соработката со BestBet24, што се очекува значително да влијае врз финансиските резултати на компанијата во текот на 2022 година.