Volkswagen официјално објави дека неговата нова генерација на 4-цилиндeрски дизел мотори е одобрена за употреба со парафински горива. Станува збор за ново развиено дизел гориво кое содржи био-компоненти
Според германскиот производител, употребата на парафински горива би требало значително да придонесе за намалување на емисиите на јаглерод, за 70 до 95 отсто во споредба со конвенционалниот дизел.
Материјалот објавен за медиумите е главно фокусиран на флотни возила, но германската марка посочува дека сите модели на VW со 4-цилиндерски дизели (TDI), испорачани од јуни оваа година, се одобрени за употреба со парафински дизел горива, во согласност со Европскиот стандард EN 15940. Меѓу овие модели Tiguan TDI, како и осмата генерација на Golf во GTD издание.
„Преку употребата на еколошки горива во одобрените модели на Volkswagen, им овозможивме на клиентите ширум Европа значително да ги намалат емисиите на CO2 онаму каде што се достапни парафински горива. На пример, употребата на овие горива е разумна дополнителна опција, особено за компаниите со мешовита флота, составена од модели со електричен и конвенционален погон“, вели професорот Томас Гарбе, шеф на секторот за бензински и дизел горива во Volkswagen.
Парафинските горива се произведуваат од биолошки нуспроизводи и отпадни материјали, како што е хидротретирано растително масло (HVO). Биогоривата како горенаведените се веќе достапни на пазарот, со проекција дека нивниот удел ќе се зголеми на 20 до 30 проценти на европскиот енергетски пазар во следните десет години.
Примери за парафински дизел горива кои веќе се достапни на пазарот се C.A.R.E Diesel, NEXTBTL и HVO.
Постои и многу пораспространета опција за дизел со додадени парафински компоненти. Се вели дека е во согласност со стандардите EN 590. Примери се Diesel R33, V-Power Diesel, OMV MaxMotion и Aral Ultimate Diesel. Сите дизел мотори, вклучително и постарите, можат да ги користат последните видови гориво.
Извор: Додај Гас