Капсулата наменета за потпомогнато самоубиство е одобрена во Швајцарија, а нејзиниот креатор верува дека би требало наредната година да биде подготвена за употреба во оваа земја.
Евтаназијата е легална во Швајцарија, а во 2020 година истата ја искористиле 1.300 лица, покажуваат податоците на двете главни организации за потпомогнато самоубиство. Животите на луѓето биле окончани со голтање на течен натриум пентобарбитал кој ги доведува во длабока кома пред да починат.
Меѓутоа, д-р Филип Ничке ја развил капсулата „Sarco“ произведена преку 3Д печатач која нуди поинаков пристап. На клиентите им се гарантира брза и мирна смрт без никакви хемикалии.
Капсулата ја реализира својата цел така што се полни со азот, со што брзо се намалува концентрацијата на кислород, а лицето кое се наоѓа во неа умира поради хипоксија и хипокапнија. Делувањето на капсулата предизвикува чувство на дезориентираност, а лицето може да почувствува и блага еуфорија пред да изгуби свест. Д-р Ничке тврди дека смртта настапува по 30 секунди и дека нема ниту паника ниту чувство на гушење.
Исто така, капсулата „Sarco“ се активира одвнатре, така што лицето може да го притисне копчето кога ќе биде спремно на тоа. Капсулата е преносна и може да се транспортира на било која локација. Правната проверка на „Sarco“ е завршена и може да се користи без проблем. Третиот прототип на капсулата моментално се прави со помош на 3Д печатач во Холандија и би требало да биде оперативен во Швајцарија во 2022 година.
Докторот минатата година изјави дека сака бесплатно да ја отстапи оваа технологија така што програмот за печатење на капсулата ќе биде достапен и онлајн.
Извор: Klix.ba