Ризикот од новооткриената варијанта на коронавирусот т.н. омикрон е висок, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Во своето утринско соопштение, СЗО дава некои насоки за земјите членки во врска со појавата на новиот вид. СЗО вели дека постои голема веројатност за понатамошно ширење низ светот.
Исто така, организацијата предупредува дека во зависност од карактеристиките на оваа варијанта, кои сè уште се истражуваат, може да има сериозни последици.
„Омикрон има невиден број мутации на шилестиот протеин, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз текот на пандемијата“, соопшти СЗО, додавајќи дека веројатноста за потенцијално натамошно ширење е висока на глобално ниво.
СЗО, исто така, предупреди дека во зависност од карактеристиките на оваа варијанта, може да се појават дополнителни бранови на инфекцијата со Ковид-19, што може да имаат сериозни последици.
На државите им се препорачува да ги приспособат меѓународните мерки за патување, со напомена дека наскоро ќе бидат издадени дополнителни упатства.
Светската здравствена организација предупредува дека постои загриженост за можноста омикрон да го избегне стекнатиот имунитет.
„Со оглед на мутациите кои можат да го избегнат стекнатиот имунитет и евентуалното повисоко ниво на преносливост, постои голема веројатност за понатамошно ширење на омикрон на глобално ниво. Во зависност од овие карактеристики, може да се случат идни бранови на Ковид-19, што може да има сериозни последици. Проценуваме дека севкупниот глобален ризик поврзан со новиот вид на Ковид-19 е многу висок“, се додава во соопштението