Изненадувачки големиот број на мутации откриени на шилестиот протеин кај новата варијанта на коронавирусот, наречена омикрон, може да укажува дека истиот потекнува од пациенти со ХИВ или некоја друга форма на имунодефициенција, изјави германскиот имунолог и секретар на Германското здружение на имунолози, Карстен Вацл.
Тој смета дека ваквата претпоставка е веродостојна и ја поткрепил со слични истражувачки резултати откриени во други медицински случаи.
ХИВ е вирус на хумана имунодефициенција, а името го добил како кратенка од англискиот назив Human Immunodeficiency Virus. Предизвикува уништување на имунолошкиот (одбранбен) систем на организмот и доведува до појава на разни болести.
Имунодефициенција е слабост и неспособност на имунолошкиот систем да се бори со разни болести. Вацл додава дека кај луѓе со ослабен имунитет, вирусот може да се реплицира во текот на неколку недели.
„За време на овој процес, може да се појават повторени изолирани мутации, што можеби нема да му дадат никаква предност на вирусот, но тие сепак можaт да продолжат да се размножуваат бидејќи имунолошкиот систем не е во состојба да ги контролира“, објаснува експертот. Тој додава дека таков процес може да резултира со дополнителни мутации и таквата комбинација може да му даде дополнителна предност на вирусот.
Во споредба со оригиналниот вид на коронавирус, кој првпат се појави во Вухан, Кина, омикрон има невообичаено голем број – околу 30 промени на аминокиселините само на шилестиот протеин, поради што е толку многу изменет што постоечките антитела е тешко да го препознаат, а следствено на тоа тешко е да се открие и на тестовите.