Студијата откри дека прележувањето на Ковид-19 резултира со различни нивоа на антитела. Пониските нивоа се почести кај помладите пациенти и не обезбедуваат доволна заштита од повторна инфекција.
Стекнувањето имунитет по природен пат стана популарен изговор за невакцинирање против Ковид-19, но новата студија од Универзитетот во Питсбург покажа дека нивоата на антитела по инфекцијата во голема мерка варираат и во многу случаи не се доволни за да се заштити лицето од повторно добивање на болеста. .
Студијата, чии резултати беа објавени на веб-страницата medRxiv, која сè уште не поминала стручна рецензија, ги анализирала нивоата на антитела кај возрасните кои се опоравиле од умерено тешката форма на Ковид-19. Утврдено е дека луѓето помлади од 30 години имаат пониски нивоа на антитела од постарите. Резултатите укажуваат на тоа дека сите, а особено помладите возрасни, треба да се вакцинираат против Ковид-19 дури и ако ја прележале болеста.
Знам дека многумина мислат: „Го преболев Ковид, па не морам да се вакцинирам“, рече Џон Алкорн, професор по педијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Питсбург и главен автор на студијата. „Сепак, нашата студија покажува дека некои пациенти по прележан Ковид, особено помладите лица, немаат доволно количество на антитела во телото, кои се дел од имунолошката меморија“, додава Алкорн.
Имунолошката меморија се создава кога имунолошкиот систем првпат ќе наиде на странски антиген. Се состои од Т и Б мемориски клетки и му обезбедува на имунолошкиот систем одредени информации за одредени патогени. На овој начин, имунолошкиот систем може поефективно и побрзо да се бори со болеста по првичната инфекција.
Студијата го проучи имунолошкиот одговор на 173 возрасни лица на возраст од 19 до 79 години кои прележале благ до умерен облик на Ковид-19 и не им била потребна хоспитализација. Антителата на коронавирусот биле измерени од примерок од крв.
Научниците востановија дека некои од нив имаат високо ниво на антитела, а други ниски. Високите нивоа на антитела успеале да го неутрализираат Ковид-19, додека ниските не можеле.
Целта на студијата не беше да се воспостави специфичен праг за нивоата на антитела потребни за да се спречи нова Ковид-инфекција, туку да се разјасни дека инфекцијата е сè уште можна, без оглед на присуството на антитела.
„Многу луѓе се опоравија од болеста, а има уште повеќе кои потоа престануваат да преземаат мерки на претпазливост“, рече Алкорн.
Сè уште има многу непознати кога станува збор за Ковид-19 и природниот имунитет – на пример, зошто некои луѓе имаат повисоки нивоа на антитела, кое ниво е доволно за заштита од повторна инфекција и колку долго може да трае природно стекнатиот имунитет.