Astra е ново име на листата на приватни вселенски компании кои успешно лансирале ракета во орбитата.
Ракетата Astra Launch Vehicle 0007, или скратено LV0007 беше лансирана во текот на викендот од Pacific Spaceport комплексот na островот Кодиак, Алјаска, a носеше тестен товар за војската на САД.
Лансирањето помина без проблеми, а ракетата висока 13 метри стигна во орбитата за девет минути и достигна височина од 500 километри над Земјата.
„Тимот работи напорно со години, а ракетите со сериски броеви 8, 9 и 10 се веќе во фаза на производство, па само што почнуваме“, изјави извршниот директор на Astra, Крис Кемп во текот на лансирањето.
Astra има база во Калифорнија, а успешното лансирање на ракета следуваше по низа неуспеси. Првиот таков беше во март 2020 година, кога беше тестирана способноста на компаниите да ги исполнат барањата на американската војска. Ракетата на Astra во тој момент не полета поради технички проблеми.
Во септември минатата година, Astra проба да ја достигне орбитата, но повторно не успеа бидејќи нејзината ракета поради проблеми со системот за наведување изведе само скратен лет. Три месеци подоцна, ракетата стигна во вселената, но не во орбитата поради недоволна количина на гориво. Компанијата имаше обид во август годинава, но проблемот со ракетниот мотор предизвика нов неуспешен тест, бидејќи ракетата достигна височина од само 50 километри пред да биде прекинат тестот.
Сепак, последниот обид во серијата беше успешен, а Astra им се придружи на приватните компании Virgin Orbit, SpaceX, Rocket Lab и други кои испраќаа ракети во орбитата.