Според новото истражување, вакцинираните против Ковид-19 имаат еднаква веројатност да го пренесат делта сојот на контактите исто и како оние коишто не примиле вакцина.
Во едногодишното истражување учествувале 621 лице од Велика Британија со благи симптоми на Ковид-19, при што научниците открија дека нивната клиничка слика била иста како и кај невакцинираните, се наведува во студијата објавена во медицинското списание The Lancet Infectious Diseases.
Анализата исто така откри дека 25 отсто од вакцинираните ги заразиле блиските со коронавирус.
Резултатите покажуваат дека делта сојот е високо заразен дури и во земјите со висок процент на вакцинирани, но и дека невакцинираните не можат да бидат сигурни дека се заштитени целосно доколку се во контакт со вакцинирани.
Оние коишто биле вакцинирани го прележале вирусот и имале лесна клиничка слика, додека невакцинираните имале поголема шанса од хоспитализација и тешка клиничка слика.
Утврдено е дека со вакцинирање се намалува пренесување на алфа сојот во домаќинството за 40-50 отсто, а заразените вакцинирани лица имале лесна клиничка слика.
Истражувањето покажува дека имунитетот стекнат со вакцината ослабнува за само 3 месеци. Третата доза се нуди на старите и имунокомпромитирани лица 6 месеци по примање на втората доза.