Една од првите операции во светот со новата роботска технологија е извршена на Универзитетската клиника за оториноларингологија во Виена.
Како што соопштија од Градот Виена, уредот овозможил прецизен пристап до внатрешното уво за време на кохлеарна имплантација, целосно автоматски и минимално инвазивно.
Роботската хирургија е составен дел од операциите веќе неколку години. Роботите се користат како продолжена рака на хирургот и ги пренесуваат нивните движења на најмал можен простор. Новата технологија со која е извршена операцијата во Виена работи без рачна контрола, но целосно автоматски со помош на прецизен систем за навигација.
„Новата технологија може да се спореди со автопилот во авион. Како автопилотот, и робот работи со прецизен систем за навигација, кој ги содржи сите потребни информации за внатрешното уво во кое се поставува имплантот. Роботот стартува и работи самостојно, без контрола“, објаснува д-р Волфганг Гштетнер од Клиниката за оториноларингологија.
Сепак, системот секако не функционира целосно без мешање на човечки фактор. Пред операцијата, преку компјутерска томографија се прави тродимензионален модел на внатрешното уво. Доколку се пресмета дека роботот има непречен пристап до увото, дека не удира во артерии или нерви, можна е операција. Хирургот треба само да направи засек зад увото и да го постави имплантот.
Роботот навлегува постепено, а помеѓу поединечните постапки се врши контрола. Доколку некои од вредностите не се поволни за пациентот, роботот автоматски ја прекинува операцијата, која потоа ја продолжува хирургот. Технологијата на робот Hearo ја разви швајцарската компанија за медицинска технологија Cascination заедно со компанијата за медицинска технологија од Инсбрук Med-El, соопшти Градот Виена.
Извор: Klix.ba