Дигиталната трансформација е процес на целосна промена во сите сфери и процеси во општеството преку дигитални технологии. Оваа трансформација се одвива секојдневно и ќе продолжи незапирливо да оди напред. Во изминатите години се запознававме со нови технологии како Cloud, вештачката интелигенција, Big Data и Интернет на нештата (Internet of Things (IoT)). Сега се наоѓаме на самиот праг на воведување 5G – технолошки и мрежен стандард од петтата генерација којшто ќе го „отвори“ потенцијалот на сите овие технологии.
Мобилните технологии се развиваат со огромна брзина и, уште од самиот почеток во 1996 година кога во Македонија за првпат се појави мобилната мрежа и персоналните мобилни телефони, можеше да се насети дека тие целосно ќе се сменат начинот на кој комуницираат луѓето.
Првата мобилна мрежа во Македонија ѝ припаѓа на т.н. втора генерација мобилни системи (2G) којашто ги одбележа 1990-те години и сè уште постои и денес. Во 2009 година се појави третата генерација мобилни системи (3G), сопоголеми брзини и помали доцнења, а во 2013-те пристигна и 4-тата генерација (4G) којашто е целосно базирана на IP/Интернет технологиите. Денес, цели 25 години подоцна, се наоѓаме пред уште една значајна пресвртница – воведувањето на петтата генерација на мобилна мрежа 5G којашто има потенцијал да го промени не само начинот на кој се поврзуваме со луѓето, туку и начинот на кој живееме. Тони Јаневски, којшто во моментов е редовен професор на ФЕИТ, имаше можност да го следи развојот на дигитализацијата во Македонија уште од самиот почеток, какодел од тимот на Мобимак којшто во 1996 година ја постави првата мобилна мрежа во земјата. Според него, 5G мрежата претставува квантен скок во дигитализацијата и има моќ да го промени општеството на подобро.
„5G ќе изврши свое влијание врз постоечката дигитализација преку овозможување сеприсутен квалитетен мобилен интернет пристап, со многу поголем квалитет од досегашниот. Тоа е во првата фаза, додека напредната верзија на 5G којашто ќе пристигне во вториот дел од оваа декада, се очекува да понуди нови можности за постоечките бизниси, но исто така и можност за појава на нови бизниси коишто претходно не постоеле. Новитетот што доаѓа со 5G и што не постоеше претходно е тоа што всушност не е прифатливо да има каков било испад или неработење на мрежата, а доцнењата ќе бидат милисекунда или максимум неколку милисекунди. Времето кога 5G се очекува да го преземе приматот од 4G, е по 2025 година, а дотогаш 5G постепено ќе се шири насекаде, како во Македонија така и во светот“, вели проф. д-р Тони Јаневски од ФЕИТ во интервјуто за порталот Факултети.мк.
Со воведувањето на 5G технологијата, дигиталниот свет ќе добие „свеж бран“ на нови функционалности и примени, чијшто ефект ќе биде почувствуван во секој аспект на човековото живеење.
Домашните оператори веќе се во подготовка на теренот за поставување 5G мрежа. Јаневски истакнува дека ние сме во чекор со светските трендови кога станува збор за воведувањето на најновите технологии. „Во Македонија сме во тестна фаза за 5G уште од 2019 година. Имено, во мај 2019 година, беше склучена соработка помеѓу ФЕИТ и Македонски Телеком за тестирање 5G, при што, до крајот на 2019, Македонски Телеком постави 5G базна станица за тестна работа во дворот на ФЕИТ. Таа беше наменета за тестна работа на 5G како нова технологија во тоа време, истовремено со комплетирањето на првите глобални стандарди за 5G. Според тоа, тестирањето на 5G во Македонија започна во 2019 година, па тоа претставува и почеток на имплементацијата на 5G во земјава.“
Дигиталната трансформација е неизбежен процес којшто се случува секаде во светот и забрзано го менува и надградува. Сепак, нејзината појава е придружена со бројни шпекулации и лажни вести, коишто се сузбиваат преку разните тестирања и истражувања. Па така, во однос на тврдењето дека „5G предизвикува болести поради преголемото зрачење“, АЕК излезе со истражување во кое се наведува дека нема евидентни негативни влијанија врз здравјето доколку изложеноста остане под граничните нивоа на изложеност. АЕК изготви извештај врз основа на тестирањето на тестната 5G мрежа на Македонски Телеком уште во 2019 година , којшто покажа дека вкупното зрачење е само 15% од максимално дозволената гранична вредност. На овие наоди се надоврзува и официјалниот став на Светската здравствена организација (СЗО), во кој се тврди дека со оглед на резултатите од истражувањата собрани до денес, нема убедливи научни докази дека слабите сигнали од базните станици и безжичните мрежи предизвикуваат негативни влијанија врз здравјето. 5G е на повидок, а дигиталната трансформација забрзано го менува светот.
Поврзани артикли