Вакцинацијата против Ковид-19 не предизвикува зголемување на невролошките нарушувања, додека прележувањето на инфекцијата многупати го зголемува ризикот, покажа неодамнешна голема студија.
Од раните денови на пандемијата забележано е дека Ковид-19 често предизвикува невролошки и психолошки проблеми, од губење на мирисот, депресија и тешкотии со памтењето до крварење во мозокот.
До 3 септември 2021 година пандемијата предизвика смрт кај повеќе од 4,5 милиони луѓе во светот. Од почетокот на масовната вакцинација поделени се повеќе од 5,2 милијарди дози вакцини. Во Велика Британија во јануари 2020 година први беа одобрени вакцините на „АстраЗенека“ и на „Фајзер/Бионтек“. Тие покажаа голема делотворност во спречување на сериозен Ковид-19. Во таа земја од почетокот на септември поделени се повеќе од 91 милиони дози вакцини. Потполно вакцинирани се 43 милиони луѓе, што е 79 отсто од вкупното население. Иако, клиничките испитувања на вакцините покажаа дека тие се многу сигурни, здравствените агенции продолжија со надзорот за можни штетни нуспојави од вакцините затоа што ретки нуспојави може да се очекуваат во текот на масовната вакцинација.
Британската регулаторна агенција за здравствени проблеми МХРА меѓу вакцинираните до почетокот на септември прими многу информации за можни имунолошки посредувани невролошки нарушувања.
Д0 25 август примени се 393 извештаи за појава на синдромот Џилијан-Баре по вакцинирањето со „АстраЗенека“, 44 извештаи за истиот синдром по вакцинирањето со „Фајзер“ и три извештаи по вакцинирањето со „Модерна“. Ретки се случаите на овие и други невроимунолошки случувања во другите земји.
Но, за да биде јасно дали нарушувањата се предизвикани од вакцините или станува збор само за корелација, требаше да се спореди нивната вообичаена инциденција во општата популација пред пандемијата, со инциденцијата по вакцинирањето.
Вакцините не го зголемуваат ризикот, а болеста многукратно
Истражувањето е објавено во базата medRxiv, а бидејќи е сосема ново, за сега нема поминато рецензија на други научници ниту е објавено во научен магазин.
Во студијата биле вклучени 1.868.767 луѓе кои примиле една доза „АстраЗенека“, 1.661.139 луѓе вакцинирани со една доза „Фајзер“, 299.311 луѓе кои биле заразени со Ковид-19, и 2.290.537 луѓе од општата популација.
Меѓународен тим на стручњаци од Велика Британија, Шпанија и Холандија ја анализирале зачестеноста на четирите имунолошки посредувани невролошки нарушувања кои претходно се дефинираа како потенцијално штетни случувања од посебен интерес за сигурноста на вакцините против Ковид-19: синдромот Џилијан-Баре, Беловата парализа, енцефаломиелитис и трансферзален миелитис.
Случувањата се идентификувани врз темел на клинички кодови од електронските здравствени картони.
Стапката на инциденција на нарушувањата проценета е 28 дена по првата доза од вакцината. 90 дена по прележан Ковид-19 и од 2017 до 2019 година на општата популација за одредување вообичаена заднинска стапка.
Во воведот на студијата авторите пишуваат:
„Не пронајдовме доследна поврзаност меѓу вакцините и кој и да е од проучуваните невролошки штетни имунолошки случувања. Наспроти тоа, кај оние кои преболеле Ковид-19 откривме дека има петкратно зголемување на ризикот од синдромот Џилијан-Баре и 11 пати зголемен ризик од енцефаломиелитис.“