Робот со вештачка интелигенција денеска постојано прекинувал говор на турски министер во Анкара, по што бил натеран да замолчи и бил отстранет од сцената.
– Зборувај побавно, не разбирам што зборуваш, му рекол роботот Санбот на турскиот министер за транспорт, морепловство и комуникации Ахмет Арслан, кој зборувал за безбедноста на интернет.
Првиот пат министерот се насмевнал на коментарот, но машината продолжила со несоодветни прекини.
– За што зборуваш?, прашал роботот, додека министерот продолжил со својот говор.
– Изгледа дека некој мора да го смири роботот, Ве молам направете го она што треба, рекол Арслан.
Роботот Санбот, кој бил дел од денешната презентација, бил замолчен и отстранет од сцената, објави телевизијата Хабертурк.
По настанот, опозициската Либерално демократска партија објави лажна снимка за тоа како турската полиција го апси АрТуДиТу (R2D2), роботот на филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“.