Откако бројни компании најавија инвестирање во развој на летечки такси возила и унапредување на такси превозот, Кинезите отидоа чекор понапред – успешно е тестиран дрон кој може да превезува луѓе.
Дронот Ehang ги пренесува патниците практично целосно автоматизирано. Патникот на таблет ќе може да ја одбере дестинацијата, да кликне на „Полетување“ и да ужива во погледот додека пристигнува на својата дестинација.
Електричниот дрон Ehang 184 наводно може да постигне брзина од 105 километри на час, а неговите креатори сметаат дека е совршеното превозно средство за избегнување на градскиот метеж, или како возило кое што ќе се користи како превозно средство на итната медицинска помош.
Дронот е изработен од карбонски влакна и од алуминиум, а највисоката регистрирана брзина била 130 километри на час, но сепак сето тоа траело многу краток период поради ограничениот капацитет на батеријата која што обезбедува енергија за летање од околу 25 минути, по што е потребно еден час полнење.
Иако на прв поглед не изгледа така, овој дрон може да лета и во лоши временски услови и лесно да се справи со урагански ветрови. Кинезите веќе договориле понатамошни тестирања во САД и Дубаи со цел да се подобри и искуството на патниците и да се вградат рачни команди со што на патниците со пилотско искуство би им било овозможено целосно да ја превземат контролата над дронот.
„Успешниот пробен лет со патници ја покажа сигурноста и стабилноста на ова летало. Тоа што го правиме не екстремен спорт, така што безбедноста на патниците е на прво место. Сега кога успешно го тестиравме Ehang 184 уверен сум дека таквото патување е само прашање на време“, изјави лидерот на проектот, Хуанжи Ху.