Додека беснеат пожарите во Бразил, корисниците на „Твитер“ го повикуваат основачот на компанијата „Амазон“ и најбогатиот човек во светот, Џеф Безос, да помогне да се спасат прашумите во Амазонија.

Тие апелираат до Безос, кој нема никаква врска со „белите дробови на светот“, освен тоа што неговата компанија е именувана по реката Амазон, пишува „Бизнис инсајдер“.

Корисниците на социјалните медиуми веруваат дека Безос треба да го искористи своето влијание за да ѝ помогне на Амазонија, во која се забележани дури 10.000 пожари во изминатите неколку недели.

Доколку нема порив да ја спаси природата, многумина велат дека тоа би можело да биде одличен маркетиншки потег за неговата компанија.

Безос досега не се огласи за пожарите што беснеат во Амазонија, како и низ Јужна Америка.