Конференција на тема „Како до видливи, валидирани, вреднувани и одржливи вештини за енергетска ефикасност во градежништвото“ денеска организира Стопанската комора по повод отпочнувањето на Проектот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вреднувани ”– SEEtheSkills“, како дел од Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“.
Конференцијата има за цел преку панел дискусии да ги претстави активностите што ќе се реализираат во следниот период во рамките на овој проект преку создавање широка, интегрирана база со податоци за сертифицирани работници, достапни обуки за енергетска ефикасност, и компании кои вработуваат сертифицирани лица преку иновативен 3В пристап. Интервенирајќи во зголемување на видливоста на енергетските вештини, проектот треба да овозможи валидирање и на меѓународно ниво на вештините преку обезбедување на нивна споредливост и мерливост базирана на дефинирани резултати од учење и на тој начин да влијае на зголемување на вредноста на вештините и поттикнување на нивната побарувачка на пазарот на труд.
„Оттука овој проект претставува сериозен обид да бидеме во чекор со Европа и кон реализација на Европскиот зелен договор, што значи остварување на енергетските цели и реализација на активностите за надминување на климатските предизвици“, велат од Стопанската комора.