Повеќе од 15 милиони корисници во Кина потпишаа онлајн петиција за истрага на лабораторијата „Форт Детрик“ во Соединетите Американски Држави како можен извор на коронавирус.
Петицијата е иницирана од кинескиот „Глобал тајмс“, а од Светската здравствена организација (СЗО) се бара да го испита овој случај.
Во петицијата се додава дека е оправдано силното барање на меѓународната заедница да ја испита лабораторијата „позната како најтемниот експериментален центар на американската влада“.
СЗО треба да го почитува јавното мислење и темелно да го испита „Форт Детрик“ и повеќе од 200 американски прекуокеански биолошки лаборатории, се наведува во коментарот.
Своите сомнежи Кинезите ги поткрепуваат со информациите дека во август 2019 година, во Мериленд се појавиле случаи на белодробни заболувања, кои тогаш биле поврзани со употребата на електронски цигари. По тоа, Медицинскиот институт за инфективни болести на американската армија во „Форт Детрик“ бил ненадејно затворен, а властите одбиле да бидат објавени повеќе информации, наведувајќи ја „националната безбедност“ како причина.