Научници од цел свет на виртуелен состанок следните две недели ќе се обидат да го комплетираат најновиот извештај за состојбата на климата, а екстремните временски услови со кои се соочува светот дополнително ја истакнуваат потребата од подетално истражување за тоа како ќе се развива ситуацијата, особено локално.
Списокот на екстремни временски појави во последните неколку недели е застрашувачки: невидени обилни дождови проследени со разорни поплави во Европа и централна Кина, температури од 49 степени Целзиусови во Канада, тропски горештини во Финска и Ирска, пожари во сибирската тундра, шумски пожари во САД од невидени размери и рекордна суша низ целиот американски запад и делови од Бразил.
– Предвидувањата на научниците за глобалното затоплување се покажаа како точни и сега тоа го гледаме со свои очи, изјави Корин Ле Квере, климатолог на Универзитетот Источна Англија.
Научниците одамна најавија екстремни временски услови, но многумина се изненадени колку ги има и колку брзо се случуваат.
На глобално ниво, атмосферата во моментов е потопла за 1,2 степени Целзиусови од просекот во прединдустрискиот период. Договорот за климата во Париз има за цел да го задржи на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период.
– Не се работи толку за тоа дека климатските промени се случуваат побрзо отколку што се очекуваше – затоплувањето е во рамките на моделот на прогноза од пред неколку децении, но ние сме загрижени што некои од последиците се посериозни отколку што се очекуваше, рече експертот за клима Мајкл Ман од државниот универзитет во Пенсилванија.
Според него, тоа наведува на заклучок дека предвидувањата за климатските промени го потцениле „потенцијалот за драматично зголемување на постојаните екстремни временски прилики”.
Во следните две недели, научници од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) ќе го финализираат првиот дел од шестиот извештај за климатските промени и ќе ги ажурираат научните податоци и проценки поврзани со емисиите на стакленички гасови, идното глобално затоплување и последиците од овие промени.
На виртуелните состаноци, покрај научниците, ќе учествуваат и владини претставници.