Целосно дигиталната скенирана и потоа испечатена очна протеза има потенцијал да ги скрати листите на чекање, но и на пациентите да им понуди пореалистична замена за нивното биолошко око.

Во очната болница „Мурфилдс“ во Велика Британија неделава на еден пациент му беше вградено првото 3Д-протетско око во светот. 40-годишниот Стив Верзе е првиот пациент во светот на кој му е вграден ваков имплант. Тој, се разбира, нема да може повторно да гледа од тоа око, но ќе изгледа слично на вистинското око.

Верзе прво помина низ процес на дигитално скенирање, потоа 3Д-протетското око беше испечатено од акрил и тестирано паралелно со протеза за очи направена со класични методи и боење на рацете. Оваа варијанта, создадена врз основа на 3Д-скенирање, повеќе личи на вистинско око и му дава реална „длабочина“ и одраз на ирисот. Попрецизно одговара и на очниот отвор на секој пациент.

Од скен до принт

Процесот на изработка, од скенирање, преку печатење (во Германија), доработка и монтажа е скратен од вообичаените шест на две-три недели. Самиот процес на 3Д-печатење трае околу 2,5 часа.

„Возбудени сме поради потенцијалот на оваа целосно дигитална протеза за очи. Се надеваме дека претстојното клиничко испитување ќе ни даде цврсти докази за вредноста на оваа нова технологија и ќе покаже дека таа навистина прави разлика за пациентите. Јасно е дека има потенцијал да се скрати листата на чекање“, вели професорот Мандип Сагу, лидер на тимот во Мурфилдс, кој ја разви оваа дигитална протеза.

Протезите за очи се многу често опција за третман на луѓе што го изгубиле окото. Поради трауматска повреда на окото, болест или малформација на окото или лицето, луѓето од сите возрасти и полови по отстранувањето на едното, или во некои случаи и двете очи, може да бидат кандидати за очни протези. Целта на очната протеза е да создаде избалансиран изглед на лицето и да ја зголеми удобноста во очната празнина каде што недостига окото.

Извор: Bug.hr