Одборот за право на интелектуална сопственост на американската Конгресна библиотека вчера ја смени формулата преку која се пресметува процентот што компаниите за емитување на музика преку интернет ќе мора да им ги исплатат на музичарите.
Досега компаниите како Apple или Spotify им исплаќаа по 10,5 проценти од своите приходи на авторските здруженија, односно на музичарите. Во иднина, овој процент ќе изнесува 15,5 проценти, што значи повеќе пари за изведувачите.
Заработувачката од емитувањето музика преку интернет доведе до судир на гигантите во технолошката индустрија, како што се Google, Apple и Amazon со некои од најпопуларните музичари и пејачи на светот. Одборот во Вашингтон одржа своевиден судски процес минатата година за да определи колкав процент од заработувачката треба да ја добијат музичарите, чии приходи се погодени од падот на продажбата на традиционалните носачи на звук.