Смартфоните стануваат сѐ поголем проблем во модерното општество
Како најголеми проблеми од прекумерното користење на смартфони се забележани намалената способност за креирање на нови мемории, длабокото мислење, намалениот фокус и способноста да се апсорбираат информации. Но, како да се избега од неодоливата желба за постојано, бесмислено скролање?
Според Кетрин Прајс, авторот на книгата „How to break up with your phone: The 30-day plan to take back your life“, постојат неколку едноставни начини кои ќе ви помогнат да воспоставите поздрава врска со вашиот телефон и да го користите рационално и мудро.
Првата работа, според Прајс, е да си поставите граници и да станете свесни колку често го користите телефонот. Најдобриот начин да го направите ова е да симнете апликација која го мери вашето време на користење на телефонот. Нашиот предлог е да ја користите Offtime, апликација која ќе ви помогне подобро да го организирате времето поминато на вашиот смартфон.
Друга работа која може да ја пробате е да си поставите забрана за користење на смартфонот на одредени места. Препорачливо е едно од тие места да биде спалната соба. Избегнувањето на користење смартфон или интернет пред спиење резултира во подобар сон и полесно будење.
И не мора да направите забрана само за одредени места, туку препорачливо е да си забраните користење на смартфон и во одредени периоди од денот. Најпрво почнете со 30-минутни интервали во кои ќе го оставите телефонот на мира, па полека градете кон подолги периоди. Ако можете да стигнете до 24-часовен период во кој воопшто нема да го вклучите телефонот, навистина сте успеале.
Според последните истражувања, поголемиот број од луѓето го земаат телефонот во раце само 15 минути откако ќе се разбудат. Ако и вие го имате тој проблем, тогаш решението е едноставно: не го ставајте телефонот близу до вас додека спиете. Ако сте загрижени за тоа дали ќе се разбудите навреме, тогаш купете си часовник со аларм.
И за крај, намалете го влијанието од социјалните мрежи. Или исклучете ги нотификациите, или ставете го телефонот на silent mode за да не се тревожите околу секоја можна активност на Facebook, Twitter, Instagram и слично.