Кубанските власти забранија пристап до социјалните мрежи, вклучувајќи ги „Фејсбук“ и „Вацап“, беше објавено денеска од глобалната компанија за следење на интернет „Нет Блокс“, со седиште во Лондон.

„Нет Блокс“ на својата веб-страница потврди дека комуникацијата на Куба на „Фејсбук“, „Вацап“, „Инстаграм“ и „Телеграм“ е „делумно нарушена“.

„Моделот на ограничувања забележан во Куба укажува на континуирано нарушување на платформите за пораки што се користат за споделување информации за протестите во реално време“, рече директорот на „Нет Блокс“, Алп Токер.

Незадоволни од лошата економска состојба, недостиг на храна и лекови, прекини на електрична енергија, високи цени и начинот на кој владата се справи со епидемиската криза, илјадници Кубанци се приклучија на демонстрациите низ Куба.

Десетици луѓе беа уапсени за време на најголемите протести во Куба во последните неколку децении, едно лице беше убиено, а неколку граѓани и припадници на безбедносните сили беа повредени на протест во предградието на Хавана во понеделникот.